Виртуелна средба на Бајден и Ши Џинпинг

Пред претседателот Џо Бајден и претседателот Ши Џинпинг од Народна Република Кина да ја започнат својата виртуелна средба на 15-ти ноември, двајцата лидери изразија надеж дека дискусијата ќе биде „искрена“, „директна“ и „сеопфатна“.

Се чини дека нивните надежи се исполнети.

Во соопштението, Белата куќа рече: „Двајцата лидери разговараа за сложената природа на односите меѓу нашите две земји и важноста од одговорно управување со конкуренцијата. Претседателот Бајден ја поздрави можноста искрено и директно да разговараме со претседателот Ши за нашите намери и приоритети за низа прашања“.

Тие прашања ја вклучија загриженоста на САД за практиките на НР Кина во Шинџијанг, Тибет и Хонг Конг, како и човековите права пошироко; потребата да се осигура дека „мапата“ за 21-виот век го унапредува меѓународен систем кој е слободен, отворен и фер; важноста на слободата на пловидба и безбедното прелетување за просперитетот на индо-пацифичкиот регион; потребата да се заштитат американските работници и индустрии од нефер трговски и економски практики.

За Тајван, од Белата куќа изјавија: „Претседателот Бајден нагласи дека Соединетите Држави остануваат посветени на политиката „една Кина“, водена од Законот за односи со Тајван, трите заеднички коминикеа и шесте гаранции, и дека САД силно се противат на еднострани напори за промена на статус квото или поткопување на мирот и стабилноста преку Тајванскиот теснец“.

Исто така, се дискутираше за важноста на управувањето со стратешките ризици со здрав разум да се осигура дека конкуренцијата меѓу Соединетите Држави и НР Кина нема да премине во конфликт и да ги одржува отворени линиите на комуникација.

Дополнително, претседателот Бајден разговараше со претседателот Ши за соработката, како лидери на двете најголеми светски економии, во области каде што се усогласуваат нашите интереси, како што се глобалната здравствена безбедност, борбата против наркотици и климатските промени.

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан, кој присуствуваше на состанокот, го опиша како средба меѓу двајца лидери кои „и двајцата ја препознаваат тежината на одговорноста во управувањето со односите меѓу САД и Кина... Тие бараат одговорно да ја преземат таа тежина, да се грижат за зборовите што ги користат, во формулите што ги усвојуваат, во прашањата што ги поставуваат“. Сепак, истакна г-дин Саливан, претседателот Бајден јасно стави до знаење дека „заедно со нашите сојузници и партнери и оние кои ги споделуваат нашите демократски вредности...ние ќе работиме за таквата визија. Не против Кина, туку за афирмативна визија за меѓународен систем кој останува слободен, отворен и фер“.