„Парискиот договор е невидена рамка за глобална акција. Знаеме зашто помогнавме да се направи и да стане реалност. Неговата цел е истовремено едноставна и експанзивна: да ни помогне да го избегнеме катастрофалното планетарно загревање и да изградиме отпорност низ светот на ударите од климатските промени кои веќе ги гледаме“ објави државниот секретар Ентони Блинкен во писмено соопштение.
Парискиот договор стапи во сила во 2016-та. Беше потпишан од над 190 држави, ја воспостави целта да се држи глобалното просечно зголемување на температурата под два Целзиусови степени и да поттикне напори да се ограничи зголемувањето на температурата до 1.5 Целзиусов степен.
Тогаш, земајќи ја како основа 2005-та година претседателот Барак Обама поднесе предлог – цел, да се намалат емисиите на јаглерод диоксид од САД за 26 до 28 проценти во 2025-та.
Сепак, на 1 јуни 2017-та, цитирајќи ја потребата да се заштитат американската економија и работници, тогашниот претседател Доналд Трамп објави дека Соединетите Држави ќе се повлечат од Парискиот договор.
Администрацијата на Бајден на нештата гледа поинаку.
„Зелените економии ќе генерираат извонреден број нови работни позиции“, изјави Џон Кери, специјален претседателски претставник за климата, на виртуелниот состанок на Светскиот економски форум во Давос на 27-ти јануари.
„Европската Унија очекува две милиони нови работни места. Овде во САД, пред Ковид, имавме 5 години на стабилен раст на вработеноста во чиста енергија со над 3.3 милиони вработувања низ земјата. Индија имаше петкратно зголемување на вработувањата во чиста енергија во истиот период. Тоа е само дел од пазарот без граници кој не очекува доколку сме сериозни.“
„Видовте и ќе продолжите да нѐ гледате како ги вметнуваме климатските промени во нашите најважни билатерални и мултилатерални разговори на сите нивоа. Во овие разговори ние ги прашуваме другите лидери – како можеме заедно да направиме повеќе?“ рече државниот секретар Блинкен.
„Климатските промени и научната дипломатија никогаш повторно не смеат да бидат ‘додатоци’ при нашите дискусии за надворешна политика. Адресирањето на вистинските закани од климатските промени и слушањето на нашите научници е во центарот на приоритетите на нашата домашна и надворешна политика. Од витално значење е во нашите дискусии за националната безбедност, миграцијата, напорите во меѓународното здравје и нашата економска дипломатија и разговори за трговија“ рече тој.
„Ние повторно се ангажираме во светот на сите фронтови.“