Повеќе од две децении, овој извештај ги документира новите трендови, ги истакнува областите за напредок и каде имало назадување и идентификуваше ефективни иницијативи за борба против трговијата со луѓе.
Иако трговијата со луѓе е стара колку и самото човештво, сторителите продолжуваат да ги развиваат своите методи. Извештајот за 2024 година длабински ја испитува растечката улога на дигиталната технологија во трговијата со луѓе, рече секретарот Блинкен:
„Ширум светот, мрежите за трговија со луѓе ги таргетираат и регрутираат жртвите преку интернет, преку социјалните медиуми, преку апликации за запознавање, преку платформи за игри. Извршителите вршат финансиски трансакции во нетранспарентни криптовалути. Тие користат шифрирање за да го отежнат откривањето на нивните активности или утврдувањето на земјите каде што работат. И сè повеќе, трговците со луѓе ги принудуваат своите жртви да учествуваат во онлајн измами“.
Социјалните медиуми можат да ги зајакнат стереотипите за тоа кој може да биде жртва на трговија со луѓе, вклучително и според полот, расата, етничката припадност и класата, предупреди секретарот Блинкен:
„Како лажното, но нашироко прифатено мислење дека трговијата со луѓе ги погодува само жените и девојчињата. Овие заблуди ја ограничуваат способноста на заедниците, на властите, па дури и на самите жртви да препознаат злоупотреба во времето кога се случува“.
Во исто време, овогодинешниот извештај покажува како некои од овие исти технологии може да се применат за да се открие и да се спречи трговијата со луѓе и да се повикаат на одговорност сторителите, рече секретарот Блинкен:
„Граѓанското општество и приватниот сектор соработуваа за создавање и примена на алатки овозможени со вештачка интелигенција кои откриваат операции за трговија со луѓе. ... Коалиција на водечки технолошки компании и невладини организации против трговија со луѓе развиваат иницијативи за учење на машините за препознавање на новите трендови и тактики на трговија со луѓе. Ова им овозможува на застапниците и владите да ги идентификуваат и споделат новите ранливости, како и поефикасно да ги следат и гонат мрежите за трговија со луѓе“.
Групите на граѓанското општество пуштаат мобилни апликации за да им обезбедат на ранливите поединци и групи информации за нивните права, како и за платите и условите за работа што ги нудат потенцијалните работодавци. Други дигитални алатки им овозможуваат на работниците да документираат и пријават трговија со луѓе.
„Трговијата со луѓе не е проблем што една нација може да го реши сама“, рече секретарот Блинкен. „Повеќе од кога било, мораме да работиме не само со владите, туку и со приватниот сектор, граѓанското општество, мултинационалните организации, граѓаните и преживеаните кои го разбираат сложениот предизвик и како можеме да го победиме“.
Извештајот за трговија со луѓе за 2024 година е сеопфатна, објективна проценка на состојбата со напорите за борба против трговијата со луѓе во 188 држави и територии, вклучително и САД, објасни државниот секретар Ентони Блинкен.