Ден на ветераните

За време на американската граѓанска војна претседателот Абрахам Линколн ги повика своите сонародници во познатото обраќање од Гетисбург да осигураат дека слободата „нема да исчезне од земјата.“

Неговите зборови инспирираа многумина низ годините, вклучувајќи и милиони во вооружените сили на нацијата кои се бореа да ја зачуваат не само слободата на Америка, туку и на други нации.

Денес, на Денот на ветераните, Америка подзапира за да им оддаде чест на тие мажи и жени и вредностите на должност и жртва што тие ги претставуваат. Долго откако ќе ја напуштат униформата тие симболизираат што значи да се биде граѓанин на слободна земја.

Празникот, кој секоја година се чествува на 11-ти ноември, има потекло од примирјето кое и стави крај на Првата светска војна во 1918-та. Конфликтот кој се водеше во Азија, Африка, острови во Пацификот, водите на Јужна Америка како и боиштата низ Европа, беше виден како „војна која ќе стави крај на сите војни.“ Но, следуваа и други војна и во 1954-та претседателот Двајт Ајзенхауер го прошири значењето на празникот, во чест на сите кои служеле во униформа, во војна и во мир.

Нашата влада продолжува со овој напор до денес, со програми кои им помагаат на ветераните по напуштањето на армијата да најдат работа и да им ја олеснат транзицијата во цивилен живот.

Во својата суштина, Денот на ветераните не е за војна. Не одбележува победа или пораз од боиштата, не слави остварување на политичка или територијална амбиција. Всушност, тоа е ден за сеќавање, отсликувајќи слични празници во Велика Британија, Канада, Јужна Африка и други земји кои им оддаваат почит на воените ветерани за нивната служба и жртва.