Тие имаа многу за што да бидат благодарни. Само една година претходно, во средината на ноември во 1620 година, тие беа дел од група од 102 колонизатори и 30 членови на екипаж, кои пристигнаа на крајбрежјата на Северна Америка со брод наречен „Мејфлауер“. Тие беа пуританци, религиозни сепаратисти, кои се сметаа за радикални, па оттаму и нелегални од страна на Владата на Англија, нивната родна држава.
Уморни од прогонот во Европа, тие беа упатени кон колонијата Вирџинија. Но, зимските временски услови ги принудија да се закотват на Кејп Код, преку 350 километри североисточно од нивната избрана дестинација.
Сепак, амбициозните колонизатори одлучија да се населат на копното, веднаш спроти брегот на нивното првично закотвување на Кејп Код, и почнаа да градат населба во која би живеале според нивните религиозни убедувања.
Првата година беше тешка, и беа близу да ѝ стават крај на колонијата пред да се зацврсти. За една година, речиси половина од 102 колонизатори беа мртви како последица на глад, болести и сурови временски услови. Но, летото донесе добра жетва, и есента 22 мажи, четири жени, девет адолесцентни момчиња, пет адолесцентни девојчиња, и 13 млади деца седнаа да слават со нивните домородни соседи, староседелскиот народ Вампаноаг.
Масачусетс не беше прва сојузна држава да тврди дека прва почнала да го празнува Денот на благодарноста. Бројни историски документи укажуваат дека шпански истражувачи и други англиски колонизатори, славеле религиозни обичаи за заблагодарување во Флорида, Тексас, Мејн и во Вирџинија, долго пред 1620 година.
Сепак, тие биле изолирани локални прослави кои не преживеале низ времето. Така што, благодарение на енергичното лобирање на сојузната држава Масачусетс, денешниот Ден на благодарноста првпат беше официјално утврден во сите сојузни држави во 1863 година, со претседателска прокламација на Абрахам Линколн. Одбележувањето беше префрлено во четвртата недела во ноември од страна на претседателот Франклин Делано Рузвелт.
Денот на благодарноста почна со молитва за благодарност кон емигрантите кои, ако не беше поддршката на нивните домородни соседи, најверојтано не би ја преживеале нивната прва година во Северна Америка.
Денес, иако Денот на благодарноста традиционлно се празнува со собирање на семејството и пријателите, заканата по живот и здравје од пандемијата на ковид-19, ќе принуди многумина да слават дома, сами, уште еднаш заблагодарувајќи се за шансата за светла иднина.