Уште еден проминентен дисидент уапсен во Русија

Vladimir Kara-Murza, Russian opposition activist. (File)

Државниот секретар Антони Блинкен повика на итно ослободување на рускиот граѓански активист Владимир Кара-Мурза.

Долгогодишниот поборник за демократија и критичар на неоправданата инвазија на Владимир Путин врз Украина, Кара-Мурза беше приведен од властите во Москва на 11 април, и осуден на петнаесет дена затвор.

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс истакна дека Кара-Мурза „и претходно трпел апсења, па дури и речиси фатални труења заради ништо повеќе од неговите мирољубиви активности во име на човековите права и граѓанските слободи на рускиот народ“.

За време на посетата на САД во март, Кара-Мурза ја нарече инвазијата на Украина „неиспровоцирана, неоправдана, незаконска војна која намерно цели врз цивилите“. Тој нагласи дека „Русија и режимот на Путин не се едно исто“. Има многу луѓе во мојата земја кои се противат на овие злосторства исто толку категорично како и луѓето овде во Америка“.

Само неколку часа пред да биде уапсен во Москва, Кара-Мурза даде интервју за CNN во кое режимот на Путин го нарече „брутален“ и предвиде дека војната во Украина ќе доведе до пад на Путин. Изразувајќи ги своите ставови, Кара-Муза ги прекрши новите руски закони кои го криминализираат ширењето на она што режимот го смета за „лажни“ информации, вклучително нарекувањето на руските воени операции во Украина војна или инвазија.

„Во изминатата деценија, руските власти користеа мрежа од нејасни закони и слаби изговори за да ги заплашат и малтретираат независните и различните гласови“, рече Хју Вилијамсон од Хјуман рајтс Воч. „Сега тие отворено наметнуваат цензура во комбинација со невистинит наратив со кој бараат сите да мора да повторуваат иста работа“.

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс рече дека режимот на Путин станува „поагресивен, надвор од неговите граници и порепресивен во неговите граници“. Тој укажа на притворањето минатата година на илјадници поединци кои мирно излегоа на улиците во знак на протест поради апсењето и притворањето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

Тој, исто така, истакна дека покрај неодамнешното апсење на Владимир Кара-Мурза, оваа година уште 15.000 Руси се приведени поради протестирањето против бруталната војна на нивната влада врз Украина.

„Ова се постапки на влада...која е суштински несигурна“, изјави портпаролот Прајс, и додаде „која не е подготвена да му дозволи на сопствениот народ да го прави она што е право на луѓето насекаде, да го изразат своето незадоволство, да протестираат мирољубиво, да формираат здруженија и да им се слушнат гласовите и нивната слободно изразена волја“.