Ова е одлучувачки момент да се постигне прекин на огнот и да се тргне по подобар пат кон траен мир и безбедност

(FILE) U.S. Secretary of State Antony Blinken meets with Israel's President Isaac Herzog, in Tel Aviv, Israel, August 19, 2024.

Државниот секретар, Ентони Блинкен се наоѓа во својата деветта посета од 7-ми октомври на Израел и пошироко на Блискиот Исток.

Говорејќи на прес-конференција во Тел Авив со израелскиот претседател Исак Херцог, секретарот Блинкен рече: „Ова е одлучувачки момент - веројатно најдобрата, можеби и последната можност да се вратат заложниците дома, да се постигне прекин на огнот и да се тргне по подобар пат кон траен мир и безбедност“.

„Овде сум како дел од интензивните дипломатски напори по инструкции на претседателот Бајден за да се обидам да го направам возможен овој договор. Време е за тоа. Исто така, време е да се осигуриме дека никој не презема никакви чекори што би можеле да го попречат овој процес и затоа работиме на тоа да нема ескалација, да нема провокации, да потврдиме дека нема дејствија што на кој било начин би можеле да нѐ оддалечат од постигнувањето договор или кои би довеле до ескалација на конфликтот на други места и со поголем интензитет“.

Секретарот Блинкен призна дека „ова е специфичен момент во Израел со длабока загриженост за можноста за напади кои доаѓаат од Иран, од Хезболах и други извори“. И Иран и Хезболах се заканија дека ќе го нападнат Израел поради убиствата на воените лидери во Либан и Техеран, што ја зголемува можноста за многу поширок конфликт.

Како одговор, секретарот за одбрана Лојд Остин упати подморница со контролирана ракета кон Блискиот Исток и го забрза распоредувањето на бродот УСС Абрахам Линколн. Покрај тоа, два разурнувачи - УСС Булкли и УСС Рузвелт се во областа веќе неколку недели.

Секретарот Блинкен истакна дека фокусот на неговата посета е да ги врати заложниците дома и да се постигне примирје. „Време е сите да стигнат до „да“ и да не бараат изговори за да кажат „не“.