Accessibility links

Breaking News

Дипломатскиот пат е отворен за Русија


Антони Блинкен
Антони Блинкен

Соединетите Држави, заедно со своите сојузници и партнери, се ангажираа со Русија во серијата разговори оваа недела со цел да се деескалира кризата предизвикана од неиспровоцираното трупање руска војска во близина на границата со Украина.

Овие разговори вклучуваат стратешки дијалог за стабилност меѓу САД и Русија, состанок на Советот на НАТО и Русија, како и состанок на постојаниот Совет за безбедност и соработка во Европа.

Зборувајќи со новинарите пред разговорите, американскиот државен секретар Антони Блинкен рече: „Дипломатијата е единствениот начин за решавање на оваа криза“ и нагласи дека САД како и нивните сојузници и партнери се подготвени да ги слушнат сите легитимни безбедносни забелешки кои Русија може да ги има и да се обиде да ги реши, „ако Кремљ е подготвен да возврати во врска со сопственото опасно и дестабилизирачко однесување“.

Секретарот Блинкен истакна дека агресијата на Москва ја предизвика кризата, вклучително со нејзиното огромно трупање руска војска и опрема во близина на границата со Украина. И, ова е само последниот во серијата чинови на агресија што Русија ги изврши против своите соседи во последните две децении, вклучително и против Грузија, Молдавија и самата Украина кога Русија го нападна и го зазеде Крим во 2014-та година.

Сегашните закани на Русија против Украина се закани повеќе отколку само за Украина, рече секретарот Блинкен. „Активностите на Москва се закана за создавање преседан на европско тло, при што се во залог основните меѓународни принципи кои се од витално значење за мирот и безбедноста: дека границите и територијалниот интегритет на една држава не може да се менуваат со сила; дека е природно право на граѓаните во демократијата да ги носат одлуките за својата земја и да ја одредуваат иднината на својата земја; дека сите членови на меѓународната заедница се обврзани со заеднички правила и треба да се соочат со последици доколку не ги исполнуваат обврските што ги преземале“.

Секретарот Блинкен јасно стави до знаење дека ако Русија ја нападне Украина, ќе се соочи со огромни економски и финансиски санкции и други мерки од САД и нивните сојузници и партнери во размери досега невидени. „Се надеваме дека Русија ќе направи поинаков избор“, рече секретарот Блинкен. „Ние сме посветени на содржаен реципрочен дијалог со Русија, исто како што сме целосно посветени на консултации и координација со нашите сојузници и партнери - вклучително и со Европската унија - во сите наши дискусии и во сите форуми... Ние веруваме дека има области каде што можеме да напредуваме“.

Овој едиторијал ги одразува ставовите на Владата на САД.

XS
SM
MD
LG