Accessibility links

Breaking News

Улогата на Белорусија во војната во Украина


Белорусија е еден од најблиските сојузници на Русија. Автократскиот режим на Александар Лукашенко владее со земјата 28 години и во голема мера се потпира на Русија за неговото континуирано постоење.

Русија со децении ја субвенционира слабата економија на Белорусија преку заеми со ниски камати и драстично намалени цени за испорака на гас и нафта. За да го олесни влијанието од санкциите воведени врз режимот на Лукашенко од меѓународната заедница, Русија повторно обезбедува финансиска помош.

Оттогаш, Белорусија е соучесник во инвазијата на Путин на Украина, служејќи како стратешкa област за распоредување на руските воени единици кои напаѓаат од северот на Украина, како и обезбедувајќи друга поддршка за руската војска. Набргу по почетокот на војната, со лажиран уставен референдум беа отстранети клаузулите за неутралноста на Белорусија и нејзината заложба да биде без нуклеарно оружје, покрај тоа што беа усвоени амандмани коишто ја продолжуваат и ја зајакнуваат цврстата контрола на Лукашенко на власта.

Лукашенко, исто така, изнесе сугестија дека Белорусија може да биде домаќин на руско нуклеарно оружје.

„Белорускиот претседател Лукашенко му дозволи на претседателот Путин да се потсмева со независноста на Белорусија и нејзиниот наводен суверенитет“, рече портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.

„Тоа е случај веќе некое време, бидејќи руските сили ја преплавија Белорусија, во време кога руските војници се префрлија во суверената белоруска територија за да преземат однапред смислен, неоправдан, неиспровоциран напад и инвазија против трета земја“.

Одлуката на Лукашенко да ја поддржи и да ја помогне агресијата на Москва против Украина е во спротивност со расположението меѓу народот во земјата. Според Чатам Хаус, независен политички Институт со седиште во Лондон, 79 отсто од Белорусите сметаат дека ниту еден белоруски војник не треба да загине во војната на Путин со Украина. Над половина сметаат дека Белорусија треба да остане неутрална.

„Белорусија стана потчинета на Русија, покажувајќи ја повторно подготвеноста на претседателот Лукашенко да дејствува против интересите на својот народ, со цел да добие наклоност на Москва и да остане на власт“, рече портпаролот Прајс.

„Како резултат на поддршката од режимот, па дури и помошта за она што гледаме дека Русите го прават во Украина, воведуваме санкции. Воведовме санкции за дваесетина белоруски поединци и субјекти. Овие мерки се фокусираат на армијата на Белорусија и поврзаноста со финансиските сектори, две полиња кои се тесно поврзани со Русија“.

„На секој чекор гледаме дека претседателот Лукашенко ја занемарува волјата на својот народ и го поддржува претседателот Путин и неговите милитаристички цели против Украина“, рече портпаролот Прајс. „Ако тоа продолжи, Белорусија ќе продолжи да се соочува со мерки што повлекуваат преземање одговорност“.

XS
SM
MD
LG