Вистинскиот датум на раѓањето на Исус е непознат, а прецизното потекло на назначувањето на 25 декември како датум на раѓање на Исус е нејасно. Но, датумот е многу блиску до Зимската краткоденица. За многу древни луѓе ширум светот, пресвртот од избледувањето на зимската светлина кон подолгите денови на пролетта што доаѓа, бил симбол за ветувањето за обновување на природата.
И бидејќи христијаните веруваат дека Исус е светлината на светот, на раните христијани им било логично дека ова е вистинското време да се прослави раѓањето на Исус. По 221 година, 25 декември прераснал во прифатлив датум на раѓање на Исус и христијанските писатели почнале да прават врска помеѓу повторното раѓање на сонцето и раѓањето на Божјиот Син.
„Божиќната приказна е во срцето на христијанската вера. Но, пораките за надеж, љубов, мир и радост се исто така универзални“, рече претседателот Џо Бајден.
„Тоа зборува за сите нас, без разлика дали сме христијани, Евреи, индуси, муслимани, будисти или која било друга вера, или ако воопшто немаме вера. Тоа зборува за сите нас како човечки суштества кои сме овде на оваа Земја да се грижиме еден за друг, да се сакаме“.
Навистина, за време на Божиќ, христијаните треба да шират, со збор и дело, порака за мир и љубов за целото човештво, за милосрдие, за радост и надеж. Време е да се покаже љубов и почит за семејството, пријателите и соседите и да се однесуваме кон луѓе што не ги знаеме со добрина и великодушност.
„Понекогаш и најмалиот чин на љубезност може да значи многу. Обична насмевка. Прегратка. Неочекуван телефонски повик. Уживање на шолја кафе заедно. Мали љубезности кои можат да го кренат духот, да дадат утеха, а можеби дури и да спасат живот“, рече претседателот Бајден.
„Овој Божиќ да бидеме таа подадена рака, тоа силно рамо, тој пријателски глас кога се чини дека никој друг не се грижи за оние кои се борат, кои се во неволја, или имаат некаква потреба. Можеби тоа е најдобриот подарок што некогаш можете да го дадете“.
25 декември е еден од најважните свети денови на христијанството, комеморација на раѓањето на Исус Христос пред околу 2000 години, почитуван од христијаните како Воплотениот Бог, Спасителот, Светлината на светот.