На средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателот Џо Бајден ја повтори поддршката на САД за Украина и важноста од борбата против инвазивните сили на Кремљ.
„Американскиот народ беше со вас на секој чекор од патот, и ние ќе останеме со вас. Ќе останеме со вас онолку долго колку што е потребно. Она што го правите, што сте постигнале, не е важно само за Украина, туку и за целиот свет“.
За таа цел, претседателот Бајден најави 374 милиони долари дополнителна хуманитарна помош за Украина преку Американската агенција за меѓународен развој, или УСАИД.
„Ова ќе помогне да се обезбеди храна и парична помош за повеќе од 1,5 милиони Украинци, како и пристап до здравствена заштита, безбедна вода за пиење и се она што е потребно за зимата за повеќе од 2,5 милиони Украинци“.
Покрај тоа, претседателот Бајден најави и пакет за безбедносна помош од 1,85 милијарди долари. Пакетот вклучува опрема и договори за набавка на муниција за артилерија, тенкови и ракетни фрлачи кои ќе се користат за одбрана на Украина од руската агресија.
Исто така, „САД работат заедно со нашите сојузници и партнери за да обезбедат критична опрема за да и помогнат на Украина да изврши итни поправки на нивниот систем за пренос на електрична енергија и да ја зајакне стабилноста на украинската мрежа наспроти целните напади на Русија“, рече претседателот Бајден.
„Треба да ни биде јасно што прави Русија. Намерно ја напаѓа критичната инфраструктура на Украина, уништувајќи ги системите кои обезбедуваат топлина и светлина на украинскиот народ во најстудениот, најтемниот дел од годината. Русија ја користи зимата како оружје - ги замрзнува луѓето, ги изгладнува луѓето, ги отсекува еден од друг“.
САД ја поздравуваат храброста и издржливоста на Украина и се посветени на обезбедувањето на народот на Украина да ја преживее зимата и неподготвената руска агресија.
Поминаа повеќе од 300 дена од почетокот на руската неиспровоцирана инвазија на Украина. Соединетите Држави се посветени на тоа Украина да може да ги обезбеди и брани своите граѓани.