Државниот секретар Антони Блинкен најави гаранција на американски заем за Украина до една милијарда долари за поддршка на нејзината агенда за економски реформи и континуиран ангажман со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
„Оваа понуда – во комбинација со партнерството меѓу Украина, ММФ, другите меѓународни финансиски институции, Г7 и другите билатерални донатори – ќе ја зајакне економската стабилност, раст и просперитет на Украина во време кога се соочува со руската агресија“, рече секретарот Блинкен во соопштение.
Меѓу 2014-та и 2016-та, САД ѝ издадоа на Украина три одделни гаранции за заеми од 1 милијарда долари - кои обезбедија отплата на долговите - откако Русија почна да го окупира полуостровот Крим. „Овие гаранции за заеми одиграа клучна улога во помагањето на Украина успешно да ја стабилизира својата економија во услови на претходна руска агресија и да спроведе храбра агенда за економски реформи, поткрепена со амбициозна соработка со ММФ“, рече секретарот Блинкен.
САД обезбедија над 2 милијарди долари развојна помош за Украина од 2014-та. Владата на САД, исто така, работеше на промовирање на комерцијалното учество на американските компании во украинската економија.
Банката Експорт-Импорт на САД има намера да стави на располагање до 3 милијарди долари за да ја олесни набавката на американски стоки и услуги за проекти во Украина, додека американската финансиска корпорација за меѓународен развој има тековно инвестициско портфолио во Украина од приближно 800 милиони долари во повеќе од десетина проекти.
САД, рече секретарот Блинкен, „ќе продолжат да бараат начини за поддршка на Украина и нејзиниот народ“, против јасната и актуелна закана од руска инвазија.