Според зборовите на претседателот Џо Бајден, средната класа ги изгради Соединетите држави, а Синдикатите ја изградија средната класа. Има многу вистина во таа изјава.
Во доцните 1860-ти, машините почнаа да ја заменуваат физичката работна сила во руралните области, но создадоа нови работни места во индустриските градови на североистокот на земјата. И така, мажите кои се враќале од боиштата на Граѓанската војна ги напуштиле селата за да најдат работа во брзо-растечките индустриски градови.
Во исто време пристигнуваа бран по бран имигранти, пред се од Европа, кои барале работа и нови можности. Но, тие можности се покажаа недостижни бидејќи илјадниците индустриски работници работеа во фабрики, челичарници и рудници по 12 часа дневно, 7 дена во неделата, често под сурови, дури и опасни услови. И на крајот на денот, нивните плати едвај беа доволно за да врзат крај со крај.
Така, тие се приклучија на синдикатите. Како што растеше членството, така растеше и способноста на синдикатите да преговараат за подобри плати и подобри работни услови. Организираа маршеви и по потреба штрајкови.
Подготвувајќи се за една таква демонстрација на сила во бројки, која се одржа на 5 септември 1882 година, 10.000 работници од Њујорк земаа неплатено отсуство и маршираа од Градското собрание до блискиот парк, со што учествуваа во првиот т.н. празник на работникот.
Оваа идеја, за ден за славење на секојдневните работници, доби на сила, а слични маршеви продолжуваа секоја година.
Конечно, дванаесет години подоцна, на 28 јуни 1894 година, Конгресот на САД донесе закон со кој Денот на трудот е национален празник, кој треба да се празнува во првиот понеделник во септември.
Според зборовите на претседателот Гровер Кливленд, кој го потпиша нацрт-законот, „вистинскиот американски дух го празнува достоинството на трудот и фактот дека честа лежи во чесниот труд“.
„На Денот на трудот, ја почитуваме таа суштинска вистина за посветеноста и достоинството на американските работници, кои го поддржуваат просперитетот на нашата нација“, се вели во писмената изјава на претседателот Бајден.
„На Денот на трудот, стоиме во солидарност со сите работници кои ја градат нашата нација до нови височини и сите работнички синдикати, кои на сите работници им овозможуваат моќ и глас“.
Во првиот понеделник во септември, САД го одбележуваат Денот на трудот, прослава на нивните работници и нивниот придонес за успесите на Соединетите држави.