Во мрачните, први денови од Втората светска војна, владата на САД заклучи дека има потреба за спротивставување на нацистичката пропаганда преку формирање на сопствен медиум кој ќе понуди точни и балансирани вести и информации. Така, Гласот на Америка беше формиран на први февруари 1942-та, а својата прва 15 минутна емисија на германски јазик ја емитуваше на 24-ти февруари.
Од своите почетоци Гласот на Америка имаше за цел да претставува прозорец кон американскиот живот. Законот наложува да презентира прецизни, објективни и сеопфатни вести, балансирана и сеопфатна проекција на значајните американски ставови и институции, како и за политиката во Соединетите Држави.
Задача на Гласот на Америка е „да ја кажува приказната на Америка низ целиот свет“ рече претседателот Џон Кенеди на 20 годишнината од основањето.
„Ова е екстремно тешка и чувствителна задача. Од една страна вие сте дел од владата и со тоа дел од нацијата, и вашата задача е да ја прикажете нашата приказна низ целиот свет на начин кој ја претставува демократијата во Соединетите Држави во најповолно светло. Но, од друга страна, како дел од каузата за слобода, дел од слободата, вие сте обврзани да ја кажувате нашата приказна на вистинит начин, да кажувате, како што рече Оливер Кромвел за неговиот портрет, ‘Насликајте не’ со сите флеки и бемки, со сите оние работи кои можеби не се толку привлечни’“.
Така, луѓето низ целиот свет слушнаа за големите настани во земјата преку Гласот на Америка, вклучително и 615 милиони луѓе кои го следеа спуштањето на Месечината на 20-ти јули 1969-та.
Како што Стејт департментот напиша на Твитер на први февруари 2021-та, „За време на првото емитување програма Гласот на Америка им кажа на слушателите ‘вестите можат да бидат добри или лоши, ние ќе ја кажуваме вистината’. Од таа програма до денес Гласот на Америка ги информира, поттикнува и поврзува луѓето низ целиот свет во поддршка на слободата и демократијата“.