Accessibility links

Breaking News

Масовни злоупотреби на човековите права во Белорусија изнесени на виделина


Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) објави извештај кој открива масовно и систематско прекршување на човековите права во Белорусија извршено од режимот на Александар Лукашенко за време на нерегуларните избори на 9-ти август, како и во деновите потоа.

Извештајот на ОБСЕ тврди дека главната цел на мерките за сузбивање преземени од Лукашенко била „да ги казни демонстрантите и да ги заплаши нив и потенцијално други демонстранти.“

Злоупотребите против мирните демонстранти, опозициски активисти и новинари вклучуваат мачења, неосновани притвори и ограничување на слободата на изразување, здружување и мирно собирање.

Главниот автор и професор по меѓународно право, Волфганг Бенедек, во извештајот нотира дека е „особено загрижувачко тоа што добро документираните случаи на мачење и лош третман за време на сузбивањето на политичките дисиденти од страна на безбедносните сили сеуште не резултирале со одговорност за некого, со што се потврдуваат обвинувањата за општа неказнивост и отсуство на фер судења при политички случаи.“

Масовните демонстрации продолжуваат низ Белорусија откако завршија оспорените избори, со што се зголемува притисокот врз претседателот Лукашенко кој владее со земјата 26 години и кој одбива да признае дека изборите биле нерегуларни.

Според новинските извештаи претседателот Лукашенко ја зајакна својата моќ со делумно затворање на западната граница, смена на министерот за внатрешни работи и поттикнување на безбедносните сили кои ги обезбедуваат протестите да ги зголемат мерките за сузбивање на демонстрантите.

Соединетите Држави „остануваат инспирирани од отпорноста и достоинството на белорускиот народ,“ соопшти државниот секретар Мајк Помпео. „Соединетите држави продолжуваат да ги повикуваат белоруските власти да прекинат со мерките за сузбивање и да ги слушнат барањата на белорускиот народ за слободни и фер избори под меѓународно набљудување.“

Препораките во извештајот на ОБСЕ даваат и начин на кој белоруските власти можат да стават крај на кризата. Планот вклучува: набљудувачка мисија на ОБСЕ, крај на насилствата врз белорускиот народ, обезбедување на одговорност за оние кои извршиле злоупотреби. Исто така, сите кои се неправедно притворени треба да бидат ослободени и мора да постои содржаен национален дијалог со претставници од политичката опозиција и од граѓанското општество.

САД стојат заедно со народот на Белорусија во нивната потрага за правда и за слободни и фер избори.

XS
SM
MD
LG