Accessibility links

Breaking News

Ден на сеќавањето 2021


На последниот понеделник од мај, Американците им оддаваат почит на оние припадници на вооружените сили кои ги загубиле животите во служба за нивната земја.

Тоа е повод за сеќавање на жртвите направени на малкумина за корист на многумина, признание за нивниот придонес во одбраната на земјата и нејзините идеали.

За прв пат одбележан во 1868-та, три години по крајот на Американската граѓанска војна, Денот на сеќавањето, тогаш наречен Ден на украсувањето, не е посветен на конкретна битка или дури ни војна, наместо тоа има за цел да ги поттикне граѓаните да се сетат на жртвите на паднатите кои се погребани во нивните градови и да им оддадат почит на починатите во војните со украсување на нивните гробови со цвеќиња и панделки.

На првото одбележување околу 5.000 луѓе ги украсиле гробовите на 20.000 војници од Граѓанската војна погребани на Националните гробишта Арлингтон во Вашингтон, без оглед на тоа за која страна се бореле паднатите. Овој повод стана обичај кој се прошири низ целата нација.

Денес градовите низ целата земја го прославуваат Денот на сеќавањето со паради кои вклучуваат воен персонал и членови на организациите на ветерани. Луѓето ги посетуваат гробиштата и спомениците. Некои носат мала црвена булка како сеќавање на починатите во војните. Оваа традиција започнала за време на Првата светска војна со поема напишана од страна на еден војник во знак на сеќавање на пријател кој загинал во Ипре, Франција на почетокот на мај 1915-та, токму кога светло црвените булки почнувале да цветаат на полињата и ливадите и на гробовите на паднатите.

Така, секој Ден на сеќавањето, мали знамиња и букети со разнобојни цвеќиња се појавуваат на надгробните и спомен плочите на гробиштата низ целата земја, украсувајќи ги гробовите на воените херои. А малите црвени булки што се носат на реверите ги претставуваат војниците кои умреле бранејќи ја нивната земја и она за што таа се залага. Тие умреле бранејќи начин на живот и вредности во кои верувале, а честа што ја заслужиле со нивната жртва останува со нив засекогаш.

XS
SM
MD
LG