Accessibility links

Breaking News

Бајден за повлекувањето на американските трупи од Авганистан


САД ќе започнат со финалното повлекување на трупите од Авганистан до 1-ви мај и ќе го завршат до 11-ти септември оваа година, најави претседателот Џо Бајден во обраќањето од Белата куќа.

Пред речиси 20 години, американските сили отидоа во Авганистан за да ја искоренат Ал Каида и да спречат идни терористички напади кои потекнуваат од Авганистан. „Нашата цел беше јасна. Причината беше праведна “, рече претседателот Бајден. Но, сега, „време е американските трупи да се вратат дома“, рече тој.

Со текот на годините терористичката закана се менуваше, а со тоа одговорот на САД, рече претседателот Бајден:

„Заканата стана пораспространета, метастазирајќи низ целиот свет: ал-Шабаб во Сомалија; Ал Каида на Арапскиот полуостров; ал-Нусра во Сирија; ИСИС се обидува да создаде калифат во Сирија и Ирак и да воспостави филијали во повеќе земји во Африка и Азија. ”

Затоа САД ја прилагодуваат својата стратегија за борба против тероризмот, објасни претседателот Бајден:

„Ние ќе ги реорганизираме нашите антитерористички способности и значителните средства во регионот за да спречиме повторна појава на терористите. Ние ќе бараме одговорност од Талибан по нивната определба да не се дозволи ниту еден терорист да им се заканува на САД или нивните сојузници од авганистанско тло. Авганистанската влада ја презеде таа обврска и спрема нас. И, целото внимание ќе го насочиме кон заканата со која се соочуваме денес “.

Претседателот Бајден изрази „почит и поддршка за храброста и интегритетот на жените и мажите кои им служеа на вооружените сили на САД“ во Авганистан. Тој исто така ги призна придонесите и жртвите на сојузниците и партнерите на САД „кои стојат покрај нас рамо до рамо во Авганистан скоро 20 години“.

Додека САД нема да останат воено вклучени во Авганистан, претседателот јасно стави до знаење дека сепак помошта ќе продолжи: „Ние ќе продолжиме да ја поддржуваме владата на Авганистан. Ние ќе продолжиме да обезбедуваме помош за авганистанските национални одбранбени и безбедносни сили “.

САД бараат другите земји во регионот да помогнат во поддршката на Авганистан, вклучувајќи ги Пакистан, Русија, Кина, Индија и Турција, кои „имаат значителен удел во стабилната иднина на Авганистан“, рече претседателот Бајден.

„Војната во Авганистан не требаше да биде повеќегенерациски потфат“, рече претседателот Бајден. „Бевме нападнати. Отидовме во војна со јасни цели. Ние ги постигнавме тие цели. Бин Ладен е мртов, а Ал Каеда е деградирана во Авганистан “.

XS
SM
MD
LG