Израел и Косово, официјално, воспоставија дипломатски односи, по одлуката за меѓусебно признавање во септември 2020 година, која тогаш беше најавена во Белата куќа.
Поради претпазливи мерки за ковид-19, косовската министерка за надворешни работи Мелиза Харадинај-Стубла и израелскиот министер за надворешни работи Габриел Ашкенази, потпишаа договор на виртуелна церемонија на први февруари. Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс го нарече „историски ден“:
„Подлабоки меѓународни врски помагаат да се промовираат стабилност, мир и просперитет во двата региона. Кога нашите партнери се обединети, САД се посилни“.
Изминативе години, неколку други муслиманско доминанти и арапски држави, воспоставија нови врски со Израел, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Судан, кои ги нормализираа односите со Израел есента во 2020 година. Во декември, Мароко и Израел потпишаа заедничка декларација, со која се заложија за соработка во бројни области, и се договорија да воспостават целосни дипломатски односи во блиска иднина.
Портпаролот Прајс им кажа на новинарите дека САД се надеваат да го продолжат прогресот кој е направен во нормализирање на релациите со Израел и други држави.
„САД ќе продолжат да ги охрабруваат другите држави да ги нормализираат односите со Израел, и разгледуваме други можности за проширување на соработката меѓу државите во регионот“.
Сепак, тој предупреди дека нормализирањето меѓу Израел и други држави не е замена за израелско-палестинскиот мир.
„Се надеваме“, рече тој, „ дека како што Израел и други држави во регионот се обединуваат во заедничкиот напор да изградат мостови и да создадат нови можности за дијалог и размена, овие напори придонесуваат за видлив прогрес кон целта за одржување на договорениот мир меѓу Израелците и Палестинците“.