Руските власти поднесоа три политички мотивирани обвиненија против Кара-Мурза во врска со изјавите што тој ги дал во спротивставување на целосната инвазија на Русија врз Украина. Доколку биде прогласен за виновен, се соочува со децении затвор.
САД повикаа на негово итно и безусловно ослободување.
Кара-Мурза беше уапсен во април 2022-ра, и оттогаш е во притвор. Тој беше обвинет за ширење „лажни вести“ за руската армија, а потоа беше означен како „странски агент“. Дополнителни обвиненија, вклучувајќи предавство и соработка со „непожелна“ организација, се додадени на списокот на неговите т.н. криминални дела.
Виш советник на убиениот опозициски лидер Борис Немцов, Кара-Мурза храбро ги бранеше човековите права во Русија и постојано беше мета на репресија од руските власти. Претрпе тешки труења во 2015 и 2017 година, за кои смета дека биле директно поврзани со неговите политички активности.
На почетокот на март, САД воведоа санкции за шест руски државјани поради нивната вмешаност во сериозни прекршувања на човековите права против Кара-Мурза.
Одделот за финансии назначи тројца: Андреј Андреевич Задачин, специјален истражител во Главната истражна управа кој нареди да се покрене кривично дело против Кара-Мурза врз основа на неговото изразување на анти-воени ставови; Елена Анатолиевна Ленскаја, судијка која го водела сослушувањето за притвор на Кара-Мурза и нареди тој да биде задржан во притвор; и Данил Јуриевич Михеев, кој служел како вештак на руската влада за случајот против Кара-Мурза.
Дополнително, Стејт департментот објави визни ограничувања за Ленскаја и Задачин, со што тие и нивните потесни семејства не се подобни за влез во САД.
Покрај тоа, Стејт департментот ги санкционираше руските владини претставници Олег Михајлович - Свириденко, Дијана Игоревна Мишченко и Илја Павлович - Козлов. Свириденко е руски Заменик министер за правда кој е надлежен за гонење во кривични случаи, меѓу кои и на Кара-Мурза.
Мишенко е судијката која ја донесе првичната одлука со која го одобри апсењето на Кара-Мурза одредувајќи му 15 дена затвор. А Козлов е судијата кој ја одби жалбата на Кара-Мурза по пресудата за апсењето одредено од Мишченко.
Во писмената изјава, државниот секретар Антони Блинкен повторно повика на итно и безусловно ослободување на Кара-Мурза, нагласувајќи дека САД „се посветени да не дозволат обидите на Владимир Путин да ги замолчи критичарите за вистината за неговата брутална војна во Украина која продолжува да носи смрт, злоупотреба и уништување“.