Accessibility links

Breaking News

САД воведоа санкции врз четворица членови на иранската разузнавачка мрежа


Соединетите Американски Држави воведоа санкции против четворица членови на мрежа на разузнавачки оперативци на иранскиот режим.

Овој чин следува откако американскиот обвинител за јужниот округ на Њујорк во јули објави дека има кривични пријави против четворица Иранци за обид за киднапирање американски државјанин на американска територија и нејзино насилно враќање во Иран.

Целта на киднапирањето била Масих Алинеџад, иранско - американска новинарка, активистка за права и критичарка на иранскиот режим, која, меѓу другите активности, води и популарна телевизиска програма на Гласот на Америка.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го нарече заговорот за киднапирање „грубо кршење на основните меѓународни норми“. Тој во изјавата посочи дека надвор од овој специфичен заговор, „Соединетите Држави остануваат свесни за тековниот ирански интерес за таргетирање на други американски државјани, вклучително и сегашни и поранешни американски службеници“.

Четворицата Иранци се високи разузнавачки службеници базирани во Иран - Алиреза Шахвароги Фарахани, кој раководи со мрежа разузнавачки оперативци која вклучува и три други лица кои беа санкционирани: Махмуд Казеин, Кија Садеги и Омид Нур.

Секретарот Блинкен истакна дека оваа мрежа имала задача не само киднапирање на иранско -американската новинарка, туку и таргетирање на ирански дисиденти во Обединетото Кралство, Канада и Обединетите Арапски Емирати.

Четворицата ирански оперативци беа назначени дека дејствуваат во име на иранското Министерство за разузнавање и безбедност, или МОИС, ентитет санкциониран од САД и една од институциите кои предизвикуваат најголем страв во Иран.

Како што истакна американското Министерство за финансии во одделно соопштение за санкциите воведени против иранската разузнавачка мрежа, „МОИС одигра клучна улога во бруталната злоупотреба на иранската влада врз човековите права врз Иранците“ и „иранската репресија, честопати извршена од раката на МОИС, исто така, се протега надвор од границите на Иран, со низа слични заговори во Европа и на други места.“

Акциите преземени против четворицата ирански оперативци значат дека секој имот што го имаат во Соединетите Американски Држави е блокиран; ниту еден американски државјанин не може да соработува со нив; а странски финансиски институции кои би се впуштиле во трансакции со нив, исто така, подлежат на санкции.

Државниот секретар Блинкен рече дека Соединетите Американски Држави „нема да толерираат напори за заплашување независни новинари или замолчување на нивниот глас. Ние ќе ги повикаме на одговорност одговорните. И нема да толерираме напади врз американски државјани овде или во странство.“

XS
SM
MD
LG