Легитимните аспирации беа насилно згаснати од режимот на Асад кога воените сили стрелаа врз мирољубивите про-демократски демонстранти.
Изминатите 10 години, стотици илјади Сиријци беа убиени, над 100.000 беа затворени, милиони беа раселени од домовите.
„Невозможно е целосно да се процени уништувањето во Сирија“, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, и додаде дека „нејзини луѓе извршиле некои од најголемите злодела што ги видел светот овој век“.
Актите на режимот на Асад, вклучуваат напади со хемиско оружје и касетни бомби, притворања, незаконски егзекуции, самици, тортура, и користење на деца во конфликтот.
Генералниот секретар Гутереш изјави дека ОН ќе продолжат да бараат политичко решение согласно резолуцијата 2254 на Советот за безбедност, која ја исцртува рамката кон политичка транзиција, што вклучува прекин на огнот, слободни и фер избори и ослободување на Сиријците кои се наоѓаат во притвор.
САД остануваат определени кон изнаоѓање политичко решение. На 10-тата годишнина од почетокот на сириското востание, државниот секретар на САД, шефот на дипломатијата на Велика Британија, и министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Италија издадоа заедничко соопштение со кое се обврзаа кон „заживување на потрагата по мирољубиво решение што ги штити правата и идниот просперитет на сите Сиријци, базирани врз резолуцијата 2254 од Советот за безбедност на ОН“.
„Јасен напредок кон содржаен политички процес и крај на репресијата врз сирискиот народ е основна работа“, напишаа тие. „Не смееме да дозволиме оваа трагедија да продолжи уште една деценија“, додадоа.
На брифинг со новинарите, портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс потенцираше дека Башар ал Асад е центар на страдањата и хуманитарната катастрофа во Сирија. „Тој нема сторено апсолутно ништо да го поврати легитимитетот што го загуби за време на бруталниот третман на неговиот народ. Нема на повидок нормализирање на односите меѓу САД и неговата влада“, рече Прајс.
„За да има одржлив крај на конфликтот, сириската влада мора да го смени однесувањето“, објави портпаролот Прајс. Во меѓувреме, рече тој „ќе продолжиме да ги поддржуваме хуманитарните предизвици на сирискиот народ во време кога бараме политичко решение со кое ќе биде ставен крај на нивното страдање“.