Кариерата на претседателот Картер во јавната служба започна во 1943 година како кадет на Поморската академија на Соединетите држави. Подоцна служел и во флотата на Атлантикот и Пацификот пред да биде избран да се приклучи на елитната програма за нуклеарни подморници. Роден во Џорџија, демократот Картер беше избран за гувернер на неговата родна сојузна држава во 1970 година.
Тој продолжи да се кандидира во политиката и победи на претседателските избори во 1976 година, победувајќи го републиканскиот актуелен претседател Џералд Форд. Картер отслужи еден мандат пред да го загуби реизборот во 1980 година од Роналд Реган, најмногу поради неговата неможност да обезбеди ослободување на 52 американски заложници заробени од иранските исламисти.
Врв на неговото претседателствување беше Договорот од Кемп Дејвид од 1978 година, историски мировен договор за кој што Картер посредуваше меѓу Израел и Египет. Договорот доведе до тоа египетскиот претседател Анвар Садат и израелскиот премиер Менахем Бегин да ја добијат Нобеловата награда за мир во 1978 година.
Имаше само 56 години кога ја напушти Овалната соба во Белата куќа. Картер ќе ги мине следните четири децении фокусирајќи се на хуманитарната работа за која стекна универзална почит.
Со години, тој и Розалин можеа да се забележат во јавноста како доброволно градат домови за обесправените преку непрофитната организација „Хабитат за човештвото“.
Посветен, пасиониран христијанин, Картер, исто така, верно предаваше секоја недела во училиште со децении во неговата матична црква во Плејнс.
Низ светот, Картер беше признат по неговото претседателствување за промовирање мирни решенија за конфликти и унапредување на демократијата и човековите права, првенствено преку Центарот Картер, кој тој и поранешната прва дама го основаа на Универзитетот Емори во Атланта во 1982 година.
Картер беше награден со Нобеловата награда за мир во 2002 година за неговите напори да ги промовира човековите права и мирот во места како Етиопија, Еритреја, Босна и Хаити.
Претседателот Џо Бајден го пофали поранешниот претседател Картер како „човек со голем карактер и храброст, надеж и оптимизам. Со своето сочувство и морална јасност, тој работеше на искоренување на болестите, создавање мир, унапредување на граѓанските права и човекови права, промовирање слободни и фер избори, сместување на бездомниците, и секогаш стоеше зад послабите. Тој спаси, подигна и ги промени животите на луѓето, ширум светот“.
Џими Картер, триесет и деветтиот претседател на Соединетите Држави, почина на 29 декември 2024 година, во својот дом во Плејнс, Џорџија, на 100-годишна возраст. Пред него почина во 2023-та, неговата сопруга Розалин, со која беше во брак 77 години.