Одговорноста за овие дела е клучна за траен мир по конфликтот, рече американската амбасадорка за глобална кривична правда Бет ван Шак.
„Целото поле на транзициската правда – кое е мешавина од судски и несудски мерки, формални и неформални мерки и мерки за одмазда и враќање на правдата – сите обезбедуваат алатки за општествата кои излегуваат од вооружени конфликти или репресија за решавање на оставината од масовно насилство, авторитаризам или неказнивост, за сеопфатна рехабилитација на преживеаните и нивните заедници по насилството, но и за вклучување во кажување вистина, за вклучување во механизми и други институционални реформи кои ќе спречат повторување на конфликтот во иднина“.
Амбасадорката ван Шак рече дека САД градат партнерства со истомисленици и го охрабруваат усвојувањето на инклузивни и сеопфатни програми за транзициска правда во државите, кои излегуваат од конфликт или репресија.
„Последната деценија имаше неверојатни иновации на ова поле. Институционалната рамка е се повеќе децентрализирана и мултиполарна. И, додека Меѓународниот кривичен суд е важен елемент на овој поголем систем, има правосудни активности кои се случуваат на друго место на домашно и меѓународно ниво“.
Државите преземаат на себе да судат случаи на меѓународни злосторства во нивните сопствени судови каде што имаат надлежност, истакна амбасадорката Ван Шак.
Националните единици за воени злосторства се повеќе се координираат меѓу себе за споделување докази, стратегии, информации и операции за апсење. Државите, ја проширија својата употреба на санкции и регулативи за увоз и извоз за да ги спречат лошите актери да ги овековечат, финансираат или имаат финансиска корист од нивните злосторства.
„Невладините организации, од кои многу се финансирани од Стејт департментот, се појавија како важни играчи во овие постапки. Овие организации, кои често се предводени од преживеаните, собираат и проценуваат потенцијални докази во реално време, во согласност со меѓународните стандарди за да ги информираат процесите на одговорност“.
„Важноста на добрата документација не може да се прецени, бидејќи тоа ќе ги поткрепи сите напори за правда што би можеле да бидат во тек“, рече амбасадорката Ван Шак.
Додека архитектурата на меѓународната правда станува посилна, злосторствата трагично продолжуваат да се случуваат.
САД, вети амбасадорката ван Шак, ќе продолжат да работат со истомисленици, преживеани и граѓанското општество за документирање на злосторствата и за изнаоѓање на праведни пристапи кои ги повикуваат сторителите на одговорност.
САД се посветени партнери во зајакнувањето на меѓународниот систем на правда кој се стреми да ја унапреди одговорноста за воени кривични дела, геноцид и злосторства против човештвото.