„Руската војска започна брутален напад врз народот на Украина без провокација, без оправдување, без потреба. Ова е напад со умисла“, изјави претседателот Џо Бајден.
„Путин е агресорот. Путин ја избра оваа војна. И, сега тој и неговата земја ќе ги сносат последиците. Денеска одобрувам дополнителни тешки санкции и нови ограничувања за тоа што може да се извезе во Русија. Ова ќе наметне сериозни трошоци за руската економија, и веднаш но, и со текот на времето. Намерно ги дизајниравме овие санкции за да го максимизираме долгорочното влијание врз Русија и да го минимизираме влијанието врз Соединетите Држави и нашите сојузници“.
САД и нивните многубројни сојузници и партнери воведоа целосно блокирачки санкции за сите десет најголеми финансиски институции во Русија кои заедно поседуваат речиси 80 отсто од средствата на рускиот банкарски сектор.
„Ќе ја ограничиме способноста на Русија да работи во долари, евра, фунти и јени за да биде дел од глобалната економија. Ќе им ја ограничиме способноста да го направат тоа. Ќе ја запреме способноста за финансирање и развој на руската војска.”
Ќе ја нарушиме нивната способност да се натпреваруваат во високо-технолошката економија на 21-от век... Некои од најмоќните влијанија на нашите активности ќе дојдат со текот на времето кога ќе го притиснеме пристапот на Русија до финансии и технологија за стратешките сектори на нејзината економија и ќе го деградираме нејзиниот индустриски капацитет во годините што доаѓаат. Помеѓу нашите акции и оние на нашите сојузници и партнери, проценуваме дека со тоа ќе се прекине повеќе од половина од увозот на висока технологија на Русија“.
„Тоа ќе нанесе удар на нивната способност да продолжат да ја модернизираат својата армија. Тоа ќе ја деградира нивната одбранбена, воздушна и поморска индустрија. И, ќе биде голем удар за долгорочните стратешки амбиции на Путин“, рече претседателот Бајден.
„Изборот на Путин да отпочне сосема неоправдана војна против Украина ќе ја остави Русија послаба, а остатокот од светот посилен“, рече претседателот Бајден. „Слободата, демократијата, човечкото достоинство - тоа се сили многу помоќни од стравот и угнетувањето. Нив не можат да ги згаснат тирани како Путин и неговите војски. Тие не можат да бидат избришани од срцата и надежите на луѓето со каква било количина на насилство и заплашување. Тие издржуваат“.