Уништените домови и телата на украински мажи, жени и деца закопани под урнатините или оставени мртви на улиците се пример за ужасот што рускиот претседател Владимир Путин го покрена со неговата одлука да води неоправдана војна против суверениот сосед.
Ништо не може да се спореди со страдањата на народот во Украина.
И, рускиот народ страда. Родителите и семејствата на илјадниците руски војници кои беа убиени при инвазијата во Украина тагуваат поради загубата на нивните деца. Руската полиција уапси повеќе од 15.000 антивоени демонстранти во градовите низ земјата. Руската економија е погодена од тешки економски санкции. Во текот на изминатиот месец, набљудувачите проценуваат дека над двесте илјади Руси ја напуштиле својата татковина.
Во обраќањето во Варшава на крајот од неговото неодамнешно патување во Европа, претседателот Бајден недвосмислено му порача на украинскиот народ: „Ние сме со вас“.
Тој исто така упати порака до народот на Русија: „Вие не сте наш непријател“, рече тој. „Одбивам да верувам дека го одобрувате убивањето на невини деца и баби и дедовци или дека прифаќате болници, училишта, породилишта да бидат бомбардирани со руски проектили и бомби, или градови да се опколени и од кои цивили не можат да се евакуираат; дотек на залихи да е прекинат во обид да се изгладнат Украинците“.
Претседателот Бајден рече дека „од сите луѓе“, како и многу други низ Европа, Русите сè уште ги чуваат сеќавањата на ужасите од опсадата на Ленинград и Сталинград во Втората светска војна, без храна, вода и лекови, ноќи поминати во засолниште под земја и визби и утра минати во чепкање низ урнатините на бомбардираните домови.
„Агресијата на Владимир Путин ве отсече вас, рускиот народ, од остатокот од светот“, рече претседателот Бајден. „Ова не е иднината што ја заслужувате за вашите семејства и деца. . Оваа војна не е достојна за вас, за рускиот народ.
„Путин може и мора да стави крај на оваа војна“, изјави претседателот Бајден. „Американскиот народ стои со вас и со храбрите граѓани на Украина кои сакаат мир“.
Овој текст ги одразува ставовите на Владата на Соединетите Американски Држави.